Почитувани,

Ве информирам дека на иницијатива на група професори по географија, на ден 20.12.2014 година, е формирано Здружение на професори по географија на Македонија ЗПГМ - Скопје.

 

Во Статутот и другите акти на Здружението се содржани визијата, мисијата и целите на здружението, и тоа:

  • Визијата на Здружението на професори по географија на Македонија ЗПГМ - Скопје, е развиен, модерен и напреден едукативен, наставно-научен и културен центар на професори по географија од Република Македонија, во кој напредокот на географијата како наука во процесот на наставата, но и во сите нејзини сегменти претставува примарна цел,

  • Мисијата на Здружението на професори по географија на Македонија ЗПГМ – Скопје е со својот општествено одговорен, организиран и посветен пристап, константно да го зајакнува угледот и влијанието на професорите по географија во целокупното образовно и културно живеење во Република Македонија, кое ќе ги унапреди состојбите во областа на делување на здружението, да превзема решителни чекори во правец на отворање можности за враќање на географијата на ниво соодветно на нејзината улога и значење во општественото живеење, усвојување на нови знаења, размена на искуства и имплементирање на позитивни практики препознатливи во развиените земји во светот.

  • Целта на основањето на ова Здружение е да се актуелизира и да се даде мобилност на актуелните проблеми на професорскиот кадар по географија и да се превземат активности за решавање на истите. Преку соодветна едукација, теоретска и практична обука на своите членови, Здружението на професори по географија на Македонија ЗПГМ – Скопје, како сериозна организација целосно ќе стои зад своите стратешки цели зацртани во Програмата за работа.

За Ваше информирање, а согласно Програмата за работа, во текот на месец март е предвидено да се одржи седница на Собранието на ЗПГМ – Скопје, како и еднодневна обука за членовите, за што ќе следува дополнителна информација.

Зачленувањето во ЗПГМ - Скопје е бесплатно и на доброволна основа, а за подетални информации може да се обратите на адресите наведени во писмото. Зачленувањето можете да го извршите во канцеларијата на ЗПГМ - Скопје или по електронски пат, со пополнување на апликацијата за членство која се наоѓа на Веб страната на ЗПГМ - Скопје (www.geograf.mk).

Со надеж дека ќе ја препознаете сериозноста на ЗПГМ – Скопје, Ве поканувам да станете негов активен член.

Со почит,
М-р Јулијана Петровска
Претседател на ЗПГМ-Скопје