Географијата како комплексна научна дисциплина нуди широк спектар на можности за учење и уживање. Една од нив секако е можноста да се користи најголемата лабораторија, природата. Постојат многу причини поради кои наставникот ќе ги извади своите ученици надвор од училишните клупи. Приказната што следи секако е географска, но има историски повод.
По повод 111 години од загинувањето на Никола Карев, учениците од истоименото училиште од Кочани решија да го посетат местото Свиланово во близина на селото Рјчани, каде на 27.04.1905 година загинал нивниот патрон.
Променливото време значително ја намали групата, но сепак имаше доволно деца за интересно доживување. Стартуваа од манастирот Св.Пантелејмон во истоименото село и беа подготвени да ги протрчаат 5-6 км за да стигнат до крајната дестинација. Но целта на настанот не беше да се брза, туку нешто и да се научи. Ако не многу, барем да се повтори веќе наученото. Секако на прво место беше користењето на топографската карта и компасот.
Попатно групата виде различни видови на пеперутки, гуштери, желки, а се воочи и разликата помеѓу неколку видови листопадни дрвја. На лице место се виде домашното говедо од расата буша и екстензивниот начин на негово одгледување. На крај, пред споменикот на Карев во друштво на другарчиња од Крушево беше одржан и краток рецитал.
12 ученици, многу случки, многу смеа, малку паѓање и секако малку и учење. За крај, едно единствено прашање: „Кога ќе одиме пак?“ Одговорот е едноставен – НАСКОРО.
Сашко Стефановски
ОУ „Никола Карев“ - Кочани